КИНЕСКАТА КОМПАНИЈА „БАИДУ“ ГО ПРЕТСТАВИ НОВОТО САМОВОЗЕЧКО ТАКСИ

Пекинг, (АП)

Кинескиот технолошки гигант „Баиду“ го претстави својот најнов самовозечки електричен автомобил, за кој вели дека има вештини на возач со 20-годишно искуство.

„Аполо РТ6“ ќе биде дел од флотата роботски таксија на „Баиду“, во кој воланот може целосно да се отстрани или додаде по потреба. Неговата цена ќе биде 37.000 долари, помалку од претходните модели на компанијата.

(Фото: Баиду)

„Воланот во иднина би можел да се замени со дополнително седиште, автомат за производи, биро или со конзола за видеоигри“, кажаа од „Баиду“.

Автомобилот е опремен со 38 сензори, радари и камери.

„Се движиме кон иднина во која возењето со роботакси ќе биде двојно поевтино од денешното такси“, изјави коосновачот и извршен шеф на „Баиду“, Робин Ли.

Пробните возења на роботските таксија треба да почнат во втората половина на 2023, а планот е да ги има 100.000 на патиштата.