НАУЧНИЦИТЕ ПОЧНУВААТ ПРОЕКТ НА „ОЖИВУВАЊЕ“ НА ИСЧЕЗНАТИОТ ТАСМАНИСКИ ТИГАР

Мелбурн, (Би-Би-Си)

Австралиски и американски истражувачи почнуваат повеќемилионски проект за „оживување“ на тасманискиот тигар. Последниот познат примерок на ова животно угина во зоолошката градина во Хобарт во 1936 година.

Тимот кој стои зад проектот вели дека планира да го изведе ова со помош на матични клетки и технологијата на уредување гени и очекува првиот тигар да биде пуштен во дивина за десетина години. Критичарите на проектот се скептични и го опишуваат како научна фантастика.

Тасманиски тигар, всушност, спаѓа во торбари. Научниците планираат да искористат матични клетки од друг вид торбар со слична ДНК и потоа да го „вратат“ исчезнатиот тигар преку технологијата на уредување гени. Тоа би било исклучително постигнување и би биле потребни неколку научни новини.

Верувам дека за десет години би го имале првото бебе тасманиски тигар, еден век откако исчезнале од природата“, изјави Ендрју Паск, кој го води проектот на Универзитетот во Мелбурн.

Ако научниците успеат, тоа ќе биде прв случај на оживување на исчезнато животно во историјата.

Популацијата на тасманиски тигри се намалила со доаѓањето на луѓето во Австралија и потоа со појавата на малите диви кучиња динго. На крајот, останале само во Тасманија, каде што биле ловени до истребување.