МЕДИУМИТЕ САМО ЛАЖАТ, НАСКОРО ЌЕ ЈА КАЖАМ ВИСТИНАТА ЗА МОЈАТА ИДНИНА, ВЕЛИ РОНАЛДО

Манчестер, (Би-Би-Си)

Кристијано Роналдо вели дека наскоро ќе ја открие вистината за својата иднина откако ова лето прочитал многу лаги. Иако Роналдо сакал да го напушти Манчестер јунајтед бидејќи не обезбеди пласман во Лигата на шампионите, тренерот Ерик тен Хаг кажа дека тој не е на продажба.

Сепак, се верува дека Јунајтед е подготвен да го пушти 37-годишниот Португалец пред завршувањето на преодниот рок на 1 септември.

„Вистината ќе се дознае за неколку недели. Медиумите кажуваат лаги. Имам тефтер и од објавените 100 приказни за мене во изминатите месеци, само пет беа вистинити. Можете да замислите како е тоа“, напиша Роналдо на Инстаграм.

Роналдо има уште една година од договорот со Јунајтед, каде што се врати минатото лето. Тој даде 24 гола во сите натпреварувања, но клубот заврши на шестото место, додека новата сезона ја почна со два пораза и моментално е последен на табелата.