Второто издание на Скопскиот поетски фестивал се отвора вечерва во 20 часот во кино „Фросина“ со тематското поетско читање „Во друштво на мртвите поети: како битник – џез и поезија“. Во придружба на џез музичарите Шамба и Сол од „Летечки пекинезери“ ќе учествуваат Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Летонија и младата Марија Велинова.
Велинова синоќа беше избрана од 13-темина поети на возраст од 16 до 25 години кои читаа на настанот „Отскочна даска“ во кафе-книжарницата „Буква“.
Утре во „Фросина“ е интернационалната поетска вечер, на која ќе настапат Влада Урошевиќ, Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ и Сергеј Тимофеев, а ќе заврши со кус поетско-музички перформанс на Пијан Славеј.
Во рамките на фестивалот ќе се одржат и работилница за креативно пишување поезија и проекција на 12 поетски филмови, изработени од Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Диме Данов и Валентина Бакти.