ИАКО УСПЕШЕН, ГЕРМАНИЈА ГО ПРЕКИНА ЕКСПЕРИМЕНТОТ СО МЕСЕЧНИОТ БИЛЕТ ОД 9 ЕВРА ЗА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ

Берлин, (Би-Би-Си)

Германското лето на евтини патувања заврши откако властите го прекинаа експериментот со месечниот билет од девет евра. Во изминатите три месеци, патниците ги исполнуваа платформите и станиците за да ја искористат ниската цена на патувањето со јавниот превоз.

За тој период биле купени 52 милиони евтини билети, кои овозможуваа неограничен број возења во локалниот и регионалниот превоз. И покрај одличната прифатеност, понудата заврши ноќеска на полноќ.

Тоа беше една од најдобрите идеи што сме ја имале“, кажа канцеларот Олаф Шолц.

Идејата се покажа политички и економски успех, иако за неа биле издвоени 2,5 милијарди евра федерални субвенции. Владата на Шолц ја воведе шемата откако беше критикувана што им помага само на возачите со намалувањето на данокот на горивото.

Според Германската транспортна асоцијација, шемата со евтиниот билет придонесе и за намалување на емисијата на јаглероден диоксид за 1,8 милиони тони.

Од денеска, Германците повторно имаат поскап превоз, зашто се укинува и намалениот данок на горивото.