ГОРБАЧОВ ГО ОТВОРИ СОВЕТСКИОТ СОЈУЗ КОН СВЕТОТ И ПОТОА СНИМИ РЕКЛАМА ЗА „ПИЦА ХАТ“ (ВИДЕО)

Њујорк, (Бизнис инсајдер)

Михаил Горбачов, кој почина вчера на 91 година, помогна да се стави крај на Студената војна и го отвори Советскиот Сојуз кон светот, овозможувајќи влез на бројни западни брендови.

Во 1997, во Русија пристигна и американскиот ланец ресторани „Пица хат“, а Горбачов беше главна ѕвезда во рекламата, која, според магазинот „Форејн полиси“, чинела милиони долари. Тој наводно се согласил да се појави во рекламата зашто во тоа време му требале пари, но во договорот стоело дека нема да јаде пица.

Во рекламата, група Руси дискутира за политика додека седи во ресторан на „Пица хат“, кога го забележуваат Горбачов во еден агол.

„Поради него имаме економска конфузија и политичка нестабилност“, вели еден Русин во рекламата.

„Поради него имаме можности. Поради него имаме многу работи, како ‘Пица хат‘“, вели друг, по што сите му наздравуваат на Горбачов.

Напаѓан од критичарите, меѓу кои беше и неговата сопруга Раиса, последниот советски лидер го бранеше учеството во рекламата, велејќи дека сите јадат пица.

„Тоа не е само потрошувачка, туку и социјализирање“, изјави Горбачов своевремено.