РОКЕРСКА ВАСИЛИЦА ВО МОБ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Дваесет и три поп и рок хитови од 1980-тите и 1990-тие години, беа годинашен избор на Македонската опера и балет (МОБ), за традиционалниот Василичарски концерт. Праксата од изминативе години, да се подготви нешто поинакво за еден од омилените концерти на македонската публика, продолжи и годинава со темата „Едноставно најдобрите“.

Наташа Малинкова ја пееше „Слушај си го срцето“ од „Роксет“ (Фото: М. Златевска)

Хитови како „Хотел Калифорнија“, „Слобода“, „Водолија“, „Црно кадифе“, „Послушај го срцето“, „Леди Мармелајд“, во одлично спакуваните аранжмани на Дамир Имери, Сашко Николовски и Владимир Димовски, под диригентство на Бисера Чадловска ги изведоа 14 пејачи : Александар Тарабунов, Елена Петреска, Ана Мицковска, Александра Јанева, Горан Наумовски, Ѓоко Танески, Арбен Бени Шаќири, Дани Димитровска, Наташа Малинкова, Лена Заткоска, Даниел Дан и гостинот од Хрватска Бојан Јамброшиќ, како и оперските солисти Наде Талевска и Ѓорѓи Цуцковски.

Дани Димитровска ја пееше „Зависен од љубов“ на Роберт Палмер (Фото: М. Златевска)

На крај сите заедно ја испеаја „Едноставно најдобри“.

Ѓоко Танески ја пееше „Последно одбројување“ од „Јуроп“ (Фото: М. Златевска)

Весело, романтично, забавно, со одлично осветлување и озвучување беше на концертот во полниот салон со публика од повеќе генерации. Носталгични за овие безвременски хитови, гостите се забавуваа со ракоплескања во ритам на музиката и со потпевнување.

Бени Шаќири ја пееше „Хотел Калифорнија“ од „Иглс“ (Фото: М. Златевска)

Голем аплауз доби и бендот на сцена со Александар Поп Христов на гитара, Имери и Николовски на клавијатури и Гоце Стевковски на тапани.

Министерката за образование Рената Дескоска и холандскиот амбасадор Ваутер Пломп беа меѓу гостите во публиката (Фото: М. Златевска)

Поради големиот интерес, МОБ закажа уште два Василичарски концерти, за денес и за утре.

Б. НЕСТОРОСКА