„НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ“ НА ТЕОНА МИТЕВСКА ДЕНЕСКА СО СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ВЕНЕЦИСКИОТ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Најсреќниот човек на светот“, шестиот игран филм на Теона Стругар Митевска, денеска ќе има светска премиера на 79. издание на Венецискиот фестивал, каде што учествува во паралелната официјална натпреварувачка програма Хоризонти.

Ова е првиот македонски филм кој се прикажува во Венеција од „Судијата“ на Жанета Вангели во 2002 и следува 28 години по триумфот на Милчо Манчевски со „Пред дождот“, кој го освои Златниот лав. Во 2001, „Прашина“ на Манчевски го отвори најстариот филмски фестивал на светот.

Најсреќниот човек на светот“ е македонска мнозинска копродукција со уште пет земји. Митевска го напиша сценариото заедно со Елма Татарагиќ, која, како и најголем дел од екипата, доаѓа од БиХ.

Дејството се случува во Сараево и е засновано на вистинска приказна на косценаристката Татарагиќ. Во фокусот се 40-годишната Асја и 43-годишниот Зоран, кои се запознаваат на настан на барање партнер. Сепак, Зоран не бара љубов, туку прошка: за време на војната во БиХ, тој бил снајперист и пукал на градот од противничката страна и сака да ја запознае својата прва жртва.

Од македонските актери играат Ана Костовска, Николина Кујача и Лабина Митевска, како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева во епизодни улоги, додека главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ.

Најсреќниот човек на светот“ утре ќе има уште една проекција во Венеција, а селектиран е и во програмата на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Торонто.

Г. КОНЕВ