ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ ОД ПРВИОТ СТРИП КОНКУРС ЗА ИСТОРИСКИ ТЕМИ НА БАЛКАНОТ, ФИНАНСИРАН ОД ЕУ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Објавени се добитниците на наградите од меѓународниот стрип натпревар „CAN for BALKANS“, на кој во финалето учествуваа 27 автори од Бугарија, Македонија, Романија, Србија, Украина и Кина. Сите твореа на историска тема.

Покрај уметничкиот квалитет и историската документација, важни критериуми за оценување биле оригиналноста и пораките за помирување, мир, градење доверба, толеранција и почит. Натпреварот е финансиски поддржан од ЕУ, а реализиран преку неколку стрип здруженија од Балканот, вклучувајќи го и Стрип центарот на Македонија од Велес.

Големата награда на првото издание на конкурсот ја освои Ражван Бронеску од Романија со делото „Аурел Петреску, пионерот на романската анимација“. Првата награда му припадна на романскиот уметник Јонут Попеску („Балкан засекогаш“), втората на Коста Миловановиќ („И тројцата пријатели се…“), а третата на Марјан Миланов (сценарио) и Срѓан Тодоровиќ (цртеж) за делото „Ветерот“.

Меѓународното жири додели и пет специјални признанија, меѓу нив и на Славица Купенкова од Македонија за делото „Одисеја“.

Наградените дела и финалистите ќе бидат претставени на Меѓународниот историски стрип фестивал во Брашов (Романија) на 13 октомври, а изложбата потоа ќе гостува во Тирана, Брисел, Лесковац и Велес.

П. ПЕЧКОВ