ИЛЈАДНИЦИ ПОСЕТИТЕЛИ СЕ ЗАБАВУВАА НА СТРУМИЧКАТА ВЕРЗИЈА НА ЕГЗИТ

Струмица, (СМАРТ СДК.МК)

Забавата Get EXITed ја наполни Струмица со илјадници посетители од повеќе градови од земјава, но и соседните држави. Во Градскиот парк тие се забавуваа со познати имиња од светската и од регионалната музичка сцена.

Босанската кралица на трапот Сенида беше една од регионалните ѕвезди на настанот (Фото: В. Трајков)

Атмосферата ја загреа регионалната кралица на трапот Сенида, а настапија и глобалниот хитмејкер, продуцент и диџеј Махмут Орхан, српскиот диџеј Кристијан Молнар и италијанската техно ѕвезда Дебора де Лука. Домашната музичка сцена ја претставуваа Дина Јашари, групата „21 век“ и Гоце САФ.

Get EXITed беше своевидно влегување на фестивалот Егзит во Македонија, кој најави дека настанот во иднина би можел да добие и пообемно издание.

Ова е вовед за фестивалот кој ќе се одржи во 2023 година. Егзит во моментов е една од најбрзо растечките фестивалски групации во светот со 12 фестивали во седум држави. Сигурни сме дека тука ги има сите предуслови за да добие и Македонија еден голем фестивал каков што заслужува. Тука ја има таа енергија“, изјави основачот и директор на Егзит, Душан Ковачевиќ.

В. ТРАЈКОВ