Уникатниот музички проект на Симон Трпчески, „Македонисимо“, денеска ќе ја има официјалната македонска премиера, пет години откако првпат беше изведен.
Концертот ќе се одржи на платото пред Националната опера и балет, со почеток во 20 часот и е своевиден подарок на Трпчески за македонската публика, бидејќи ќе може да се проследи бесплатно. Македонската претпремиера беше на 27 август во струшкото село Збажди и Трпчески кажа дека бил изненаден што се појавиле дури 3.000 луѓе.
„Македонисимо“ претставува спој на македонската народна музика со џезот и класичната музика, сплет од 23 нумери, најмногу ора и по некоја песна. Трпчески го создаде во соработка со композиторот Панде Шахов, а го изведува со Александар Краповски (виолина), Александар Сомов (виолончело), Хидан Мамудов (кларинет, саксофон и кавал) и Влатко Нушев (удиралки).
По вечерашниот концерт во Скопје, „Македонисимо“ ќе се изведе во Штип на 24 септември и ден подоцна во Битола. Од светската премиера во германскиот град Лудвигсбург, Трпчески го промовираше во уште десетина земји.
Г. КОНЕВ