ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ ИЗРАЗУВАМЕ ЗА СЕКОГО Е НАЈУБАВИОТ ЈАЗИК НА СВЕТОТ, КАЖА ОЛИВЕРА НИКОЛОВА ПРИМАЈЌИ ЈА БАЛКАНСКАТА НАГРАДА ПРОЗАРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Десеттото издание на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ во Скопје се затвори вчера со доделувањето на наградата Прозарт на легендарната македонска писателка Оливера Николова. Со ова признание се наградува авторскиот придонес кон развојот на книжевноста на Балканот.

„Јас ѝ припаѓам на македонската литература, а мојот јазик на изразување, како што знаете, е македонскиот јазик. Нема да бидете зачудени ако речам дека јазикот на кој се изразуваме е за нас најубавиот јазик на светот“, кажа Николова во видеообраќањето до присутните.

Родена во Скопје во 1936, Николова неретко се опишува како мајка на сите македонски писателки. Има објавено десет романи и три збирки раскази за возрасни, 17 книги за деца и сликовници, како и многубројни театарски, телевизиски и радио-игри.

„Денес, кога мојата земја и мојот јазик успешно го множат своето ехо, а ние се чувствуваме срчни и полетни, зошто да не кажеме дека, еве, и ние вредно ја ткаеме мрежата на светот заедно со другите? Мрежата на светот како некоја земна галаксија во која сите соѕвездија светат подеднакво за секого. Нели веќе без страв го исправаме своето пред плимата на туѓото? Зошто да не го кажеме тоа? Дека ни било земано недозволено и дека и самите сме земале недозволено, дека сме давале и ни давале и дека сите подрачја вон уметничкото секогаш ни се чинеле банални и обични, а дека вистинската смисла на патетичното, вистинската смисла на драматичното, за нас не била да им ја дадеме нивната фотографска вредност, туку нивното највисоко духовно значење“, кажа Николова.

Во Даут пашин амам синоќа читаа гостите на фестивалот: Дамир Каракаш и Рајко Грлиќ од Хрватска, Броња Жакељ од Словенија, Владислав Бајац од Србија, Елена Алексиева од Бугарија и домашните автори Томислав Османли и Пијан Славеј.