„ХАРОДС“ ЌЕ ЈА ОТСТРАНИ СКУЛПТУРАТА НА ДИЈАНА И ДОДИ ФАЈЕД

Лондон, (АП)

Лускузната стоковна куќа „Хародс“ во Лондон, наводно, планира да го отстрани споменикот на принцезата Дијана и Доди Фајед.

Британските медиуми, меѓу кои и „Тајмс” и Би-Би-Си, објавија дека бронзената статуа ќе му биде вратена на таткото на Доди, Мохамед Ал Фајед, египетски магнат кој претходно го поседуваше „Хародс“.

Бизнисменот ја нарачал бронзената статуа, откако тие загинаа во сообраќајната несреќа во Париз во 1997 година. Статуата беше поставена во 2005 година и остана таму и откако кралското семејство на Катар ја купи куќата во 2010 година.

Медиумите го цитираа директорот на „Хародс“, Мајкл Ворд, кој рече дека со оглед на фактот дека статуа на Дијана ќе се постави во палатата Кенсингтон, „сега е вистинско време бронзената скулптура да му биде вратена на Ал Фајед“.