Аргентинците го слават враќањето на дресот што Диего Армандо Марадона го носеше во финалето на Светското првенство 1986 во Мексико.
Три и пол децении откако Аргентина ја победи Германија со 3:2 и ја освои втората светска титула, дресот ѝ беше предаден на Аргентинската фудбалска асоцијација и Лотар Матеус кажа дека му го подарува на аргентинскиот народ.
Бившиот германски репрезентативец го размени дресот со Марадона на полувремето од финалниот натпревар.
Друг дрес на Марадона од истиот мундијал неодамна се продаде на аукција за рекордни 7,1 милион фунти, но Матеус вели дека никогаш не сакал да заработи од оваа фудбалска реликвија.
„Диего е бог во Аргентина и затоа беше посебно да ѝ се даде овој дрес. Штета што денеска не е со нас, но тој секогаш ќе биде во нашите срца“, кажа Матеус на примопредавањето на дресот во аргентинската амбасада во Мадрид во август годинава.
Дресот оттогаш беше изложен во музеј во Мадрид, а завчера конечно пристигна дома.
(Фото: ЕПА)