ЗЛАТНАТА ТОПКА НА МАРАДОНА Е ПРВ ВАКОВ ТРОФЕЈ ШТО СЕ ПРОДАВА НА АУКЦИЈА

Париз, (Ројтерс)

Златната топка на Диего Марадона, која ја доби за најдобар фудбалер на Светското првенство во 1986, ќе биде ставена на аукција во Франција на 6 јуни, соопшти аукциската куќа „Агутес“.

Ова е првата Златна топка што оди на аукција и додека вредноста допрва треба да се потврди, аукциската куќа очекува таа да достигне милиони евра.

Марадона, кој почина во 2020, го освои трофејот откако ја предводеше Аргентина до титулата на Светското првенство во Мексико, постигнувајќи пет гола. Ова првенство особено се памети по неговите два гола против Англија во четвртфиналето, од кои првиот го даде со рака.

Неговиот дрес од тој натпревар веќе се продаде на аукција.