Ново ласерско истражување на метрополата Калакмул во јужно Мексико понуди нови докази дека таа била најнаселениот мајански урбан центар за време на врвот на оваа цивилизација пред 1.300 години.
Остатоците на градот денес се покриени со џунгла и се наоѓаат близу границата со Гватемала. Калакмул цутел за време на зенитот на Маите меѓу 250 и 900 година, при што содржел масивни пирамиди, палати и храмови, но само мал дел од нив досега е ископан.
„Новите мапи, направени со помош на ласерската технологија ЛИДАР, откриваат бројни досега непознати згради, покажувајќи дека Калакмул бил погусто населен од Тикал, за кој досега се веруваше дека бил најголемиот урбан центар на Маите“, вели Кетрин Риз-Тејлор од Универзитетот во Калгари.
Таа додава дека околу 700 година Калакмул имал големина на денешниот Амстердам или Брисел. Претходните проценки кажуваа дека Калакмул имал околу 50.000 жители.
„Густината на зградите укажува на големо население и сугерира дека целото расположливо земјиште било изменето од Маите. Има многу детали, и мали и големи структури“, вели Риз-Тејлор.