Од денеска, во Прилеп ќе се одржува работилница за наставници и ученици од тамошните основни училишта, која е дел од 57. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Од фестивалот велат дека воведуваат содржини во текот на целата година. Работилницата ќе ја води режисерот и едукатор Милош Б. Андоновски и ќе ги опфати прилепските основни училишта „Кочо Рацин“ и „Св. Климент Охридски“ и средните училишта „Мирче Ацев“ и „Ѓорче Петров“.
Работилниците ќе се одвиваат во репетиционата сала на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, а фокусот ќе биде на истражувањето и проучувањето на театарската уметност и неговите сфери: актерство, драмско пишување, сценографија, костимографија и критика. Во работилниците ќе се вклучат и неколкумина актери од прилепскиот ансамбл, кои ќе се среќаваат со учесниците еднаш неделно, сѐ до почетокот на фестивалот во јуни.
Месечните работилници ќе бидат тематски одредени и поврзани со драмата „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле, кој е и автор во фокус на следното издание на фестивалот.