Златни рипки вообичаено живеат во домашни аквариуми кои не зафаќаат многу простор. Англискиот риболовец Енди Хакет успеа да фати далеку поголема верзија, тешка повеќе од 30 килограми.
Наречена Морков поради својата изразено портокалова боја, рибата беше уловена во приватното езеро Блувотер во францускиот регион Шампањ, каде што била пуштена пред 20-ина години.
Хакет вели дека му биле потребни 25 минути за да ја извади рибата. Станува збор за хибриден вид кој настанал со вкрстување на европски и јапонски крап (кои) и се верува дека е втората најголема досега уловена.
„Отсекогаш знаев дека Морков е тука, но никогаш не мислев дека ќе го уловам. Ова беше брилијантен, но и среќен улов“, изјави 42-годишниот Хакет, кој по фотографирањето ја вратил рибата во езерото.