ПОЛЕКА СЕ СПРЕМАМ ЗА ПЕНЗИЈА, НЕ САКАМ ДА ГЛУМАМ НА 80 ГОДИНИ, ВЕЛИ ГЕРИ ОЛДМАН

Лондон, (Сандеј тајмс)

Еден од омилените актери Гери Олдман полека се подготвува за пензија. Иако има само 64 години, Олдман вели дека има намера да ја прекине богатата кариера по завршувањето на шпионската серија „Slow Horses“.

„Имав завидна кариера, но кариерите опаѓаат, а има и други работи кои ме интересираат освен глумата. Кога си млад, мислиш дека ќе имаш време за сè, а потоа годините минуваат“, кажа Олдман во интервјуто за „Сандеј тајмс“.

Иако има договор за уште две сезони на серијата на „Епл+“, Олдман додава дека нема намера да работи на стари години како некои негови колеги.

„Следната година ќе имам 65, се ближам кон 70. Не сакам да бидам активен на 80 години. Би бил среќен и почестен ако се повлечам како Џексон Лемб“, вели Олдман, алудирајќи на својот лик од „Slow Horses“.

Тој никогаш не криел дека, како и Лемб, се лекувал од алкохолизмот, откривајќи дека на тоа го охрабрила Деми Мур во 1995.

„Поради алкохолот имав многу изгубени викенди во хотелски соби и тоа никогаш не било тајна. Таа ми кажа: ‘Многу си болен, мора да одиш на рехабилитација‘. Се лекував и веќе 25 години сум трезен“, вели Олдман, кој освои Оскар за улогата на Винстон Черчил во „Најмрачниот час“, а во новиот филм на Кристофер Нолан, „Опенхајмер“, го глуми бившиот американски претседател Хари Труман.

Тој зад себе има и четири пропаднати брака, но во 2017 повторно се венчаше, со уметничката кураторка Жизел Шмит.

(Фото: Гети)