В САБОТА ЌЕ СЕ ДЕЛАТ БЕСПЛАТНИ СТРИПОВИ ВО „БУНКЕР“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Ден на бесплатни стрипови“ в сабота ќе се одржи во стрип книжарницата „Бункер“ во Скопје. Бесплатно ќе се поделат 500 стрипови. Настанот ќе почне во 10 часот и ќе трае до 15 часот, односно додека не се потрошат количествата.

Книжарницата последен пат организираше ваков настан пред пет години. Се работи за манифестација која првпат се одржа во САД во 2002, а потоа се прошири во многу други земји. Во првите шест години се поделени повеќе од 12 милиони стрипови во над 30 земји. Целта е промовирање и ширење на стрип културата.

„Бројката на бесплатни стрипови кои ќе се поделат расте, бидејќи во акцијата се вклучуваат голем број домашни издавачи и поединци. Стриповите ќе бидат делени по принципот ‘прв дојден, прв услужен’, секој посетител ќе има право да земе најмногу два стрипа од претходно направената листа. Покрај бесплатните стрипови, ‘Бункер’ ќе понуди и 30% попуст на целокупниот асортиман“, вели Владимир Битољану од „Бункер“.

Годинава, во соработка со „Светот на Биби“, дел од стриповите ќе се подари и во нивната продавница во Битола, со што настанот добива регионален карактер.