Струмичкиот уметник Никола Пијанманов изработи скулптура од рециклирано железо која е поставена пред Домот на културата во Босилово со цел да ја потсетува јавноста дека Земјата треба да се чува од еколошки катастрофи. Скулптурата насловена „Атлас“ го прикажува митолошкиот титан кој е казнет да ја носи планетата Земја на свои раце и Пијанманов вели дека преку неа ја опишува борбата на човекот со тежината на светот.
Авторот додава дека два месеца работел на делото високо четири метри.
„Атлас е проколнат титан кој е казнет да го носи светот на рацете. Тој не може да се ослободи од таа тежина до смртта. ‘Да ја носиш тежината на светот‘ е реченицата олицетворена во фигурата на Атлас. Но, во суштина, ‘Атлас‘ е скулптура за човечката празнина или за празнината која ја носи човекот од почетокот на светот и која никако не може да се исполни со смисла и суштина“, изјави Пијанманов.
Скулптурата е изработена во рамките на манифестацијата „Босилово културно лето 2022“. За да ја направи, Пијанманов собрал околу половина тон метали на депонија за отпадно железо.
„Скулптурата тежи половина тон. За да се преобрази железото во мека форма според идејата и замислата е тешка работа, затоа што се работи за цврст и крут материјал. Но, поинаков материјал не можев ни да замислам за темата“, кажа Пијанманов.
В. ТРАЈКОВ