РАЗГОВОР И ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ТВОРЕШТВОТО НА ВИЗУЕЛНАТА УМЕТНИЦА ИСКРА ДИМИТРОВА ВО ЈАДРО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 19:30 часот, во Културниот центар Јадро во Скопје, како дел од нивната серија разговори со визуелни уметници и дизајнери, ќе се одржи разговор со Искра Димитрова.

Визуелната уметница Искра Димитрова е континуирано присутна на локалната и меѓународната уметничка сцена над три децении со дела во различни медиуми, како перформанс, видео и инсталација, изложувани на самостојни и групни изложби.

Во фокусот на нејзината работа се истражување и преиспитување на релациите со природниот амбиент, со фокус на телото, живиот свет и еколошките проблеми во урбаната средина. Со различен пристап кон специфичната тема, делата зборуваат за границите помеѓу приватниот интимен простор и јавното, позицијата на жената, функционирањето на медиумската сфера и за начините на креирање на јавното мислење. Во последните години работи на долгорочни активистичко-уметнички проекти кои се однесуваат на градежната експанзија и узурпацијата на приватниот, но и јавниот простор.

Во презентацијата и разговорот, што ќе го води кураторот Владимир Јанчевски, ќе биде направен преглед на творештвото на Димитрова, со фокус на некои од највпечатливите дела.

Димитрова завршила филозофија на Филозофскиот факултет и скулптура на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Со уметнички проекти учествувала на бројни групни изложби во еминентни институции во Македонија и низ светот (Токио, Стокхолм, Белград, Виена, Базел, Марибор, Тирана…). Во 1999 беше неофицијален претставник на Македонија на Биеналето во Венеција, а во 2007 беше дел од изложбата „Глобални феминизми“, со која се отвори новиот дел на Бруклинскиот музеј. Во таа пригода, делото на Димитрова беше меѓу четирите за кои имаше посебен осврт и во „Њујорк тајмс”.