ПО 30 ГОДИНИ РАЗВОЈ, ПОЧНУВА ИЗГРАДБАТА НА НАЈГОЛЕМИОТ ТЕЛЕСКОП НА СВЕТОТ

Сиднеј, (Би-Би-Си)

Денеска почнува изградбата на еден од исклучителните научни проекти во 21. век. Square Kilometre Array (СКА) ќе биде најголемиот радиотелескоп на светот кога ќе биде завршен во 2028 година.

Поделен низ Јужна Африка и Австралија, со седиште во Велика Британија, СКА треба да одговори на најголемите прашања во астрофизиката. Со него ќе се изведуваат најпрецизните тестови на теориите на Ајнштајн и ќе се бара вонземски живот.

Ова е моментот кога телескопот станува реалност. Тоа беше 30-годишно патување. Првите десет години беа посветени на развојот на концепти и идеи. Вторите десет години беа потрошени на развојот на технологијата. Во последната деценија се утврдуваа детали од дизајнот и се обезбедуваа локации, меѓувладини договори и финансии“, изјави Фил Дајмонд, генералниот директор на организацијата СКА.

Почетната архитектура на телескопот ќе вклучи околу 200 параболични антени, односно чинии, и 131.000 антени со изглед на божиќно дрвце. Целта е да се создаде ефективна собирна површина од стотици илјади квадратни километри, што на СКА ќе му даде досега невидени чувствителност и резолуции. Системот ќе има распон на фреквенција од 50 мегахерци до максималните 25 гигахерци, што ќе овозможи и детектирање на многу слаби радиосигнали кои доаѓаат од космички извори оддалечени милијарди светлосни години од Земјата.