Научниците ја открија најстарата позната ДНК, која покажа како изгледал животот пред два милиона година на северниот крај на Гренланд и дава досега невиден увид во тоа како климатските промени ги обликуваат екосистемите. Она што денес е неплодна арктичка пустина своевремено било исполнето со бујна вегетација и било дом на мастодони, мали глодари и гуски.
„Ова истражување ја отвора вратата кон минато кое фактички било изгубено“, изјави лидерот на истражувањето Курт Кјер, геолог и експерт за глечери од Универзитетот во Копенхаген.
Бидејќи животински фосили тешко се наоѓаат, истражувачите земале ДНК од примероци на почвата. Тоа е истиот генетски материјал што организмите го исфрлаат во својата околина.
„Со најновата технологија, бевме во можност да добиеме генетски информации од ситни, оштетени делчиња на ДНК“, вели Еске Вилеслев, генетичар од Универзитетот Кембриџ, кој со колегите работел 16 години на овој проект.
Пред милиони години, овој регион минувал низ интензивни климатски промени и во топлите периоди, просечните температури биле за 11-19 степени повисоки од денес. Северниот дел на Гренланд тогаш бил покриени со шуми од тополи и брези, а пронајдени се и траги од животни како гуски, зајаци и елени. Најголемото изненадување било пронаоѓањето на ДНК од мастодон, изумрен вид кој изгледал како мешавина од слон и мамут, чии фосили претходно се ископани во Северна Америка.