И ПО СМРТТА НА ПЕЛЕ ЌЕ ПРОДОЛЖАТ ДЕБАТИТЕ КОЛКУ ГОЛОВИ ПОСТИГНАЛ

Скопје, (АП)

Никој никогаш не ги оспорил големината и голгетерската способност на Пеле, но точниот број на неговите голови останува тема на дебати.

Пеле, кој почина вчера на 82 години, често велеше дека една од причините зошто би требало да го сметаат за најдобриот фудбалер на сите времиња е неговиот скор од над 1.000 постигнати голови. Но, многумина го оспоруваат овој скор зашто Пеле во него ги вклучуваше и головите постигнати на пријателски средби и на мечеви против полупрофесионални и аматерски екипи.

Според самиот Пеле, тој е најдобриот стрелец во историјата на фудбалот со 1.283 голови на 1.366 натпревари. Тоа би бил неверојатен просек од 0,93 голови по натпревар.

Ако се земат предвид само официјални мечеви, скорот на Пеле би бил значително помал, под 800 голови, со што би бил зад Кристијано Роналдо, Лео Меси, Ромарио и Јозеф Бицан.

Пеле дал вкупно 95 голови за Бразил, од кои 18 не се вклучени во официјалните статистики. Тој одиграл и речиси 550 неофицијални мечеви, делумно и зашто неговиот клуб Сантос заработи богатство играјќи егзибициски натпревари низ светот. Еден од оние кои го задеваа Пеле за неговиот голгетерски учинок беше и Диего Марадона.

Против кого даде толку голови? Играјќи против внуците во дворот?“, го праша Марадона во едно интервју.

Во Гинисова книга на рекорди е заведено дека Пеле постигнал 1.279 голови на 1.363 мечеви, додека ФИФА го заокружи неговиот скор на 1.281 гол, додавајќи дека тој во две години постигнал по повеќе од 100 голови, во 1959 (127) и 1961 (110). И Сантос тврди дека Пеле постигнал 1.281 погодок, од кои 1.091 за клубот.

(Фото: АП)