ШПАНСКА УМЕТНИЦА УКРАСУВА ФАСАДИ И ИЗЛОЗИ СО ВЕЗЕНИ ДИЗАЈНИ

Мадрид, (Гардијан)

Шпанската уметница Ракел Родриго ја извади древната техника на везење од сенка и со неа украсува фасади на згради и куќи низ светот.

„Тоа е она што жените отсекогаш го правеле дома на чаршафи, крпи и перници. На овој начин го вадиме везењето на улица“, вели Родриго.

Таа прецизно ги репродуцира белезите на овој занает, како шарени цвеќиња, крути линии и издигнати текстури, во огромен обем и ги прицврстува дизајните на сè, од скали до излози.

„Резултатот на ова е стил кој се обидува да го пополни засенетиот простор помеѓу јавното и приватното, така што става нешто толку интимно како домашен вез во центарот на вниманието“, вели Родриго.

Уметницата од Валенсија почнала да се занимава со везење во 2011 откако била повикана да украси фасада на продавница во Мадрид каде што се одржувале работилници за шиење. Оваа техника наскоро станала нејзиниот препознатлив знак и ја одведе во градови како Лондон, Истанбул и Филаделфија.

„Со тек на време сфатив дека ова е начин да се истакне женска уметност која долго време била невидлива“, вели 38-годишната Родриго.

Во зависност од проектот, таа денес работи со тим и до 50 луѓе за да ја долови сложеноста на везењето во голем обем. Процесот одзема доста време и потребни се двајца луѓе за да извезат еден квадратен метар за три дена.