ПОЧНУВА СНИМАЊЕТО НА ФИЛМОТ ЗА ЕЈМИ ВАЈНХАУС, ЌЕ ЈА ГЛУМИ МАЛКУ ПОЗНАТАТА МАРИСА АБЕЛА

Лондон, (Вараети)

Продукцијата на претстојниот биографски филм за Ејми Вајнхаус, „Back to Black“, ја објави првата фотографија од актерката Мариса Абела во главната улога. Филмот ќе го режира Сем Тејлор-Џонсон, а снимањето почнува денеска во Лондон.

Филмот ќе го следи Вајнхаус од нејзините динамични рани години во Лондон до интензивното патување до славата. Минатиот јули беше објавено дека покојната пејачка ќе ја глуми 26-годишната англиска актерка Мариса Абела, која зад себе нема голема колекција улоги, но ќе се појави и во „Барби“ со Марго Роби.

„Целосно сум свесна за одговорноста што ја носи снимањето на филмот. Ќе настојувам да создадам филм што сите ќе го сакаме засекогаш. Исто како и Ејми. Кога првпат ја слушав во живо на едно шоу за таленти, веднаш сфатив дека таа не е само талент, таа беше гениј“, изјави Тејлор-Џонсон, позната по хитот „Педесет нијанси сиво“.

Излегувањето на „Back to Black“ е најавено во 2024.