Додека кариерата му е во застој поради низа обвинувања за сексуален напад, Кевин Спејси пристигна во Италија за да прими награда за животно дело. Му ја додели Националниот филмски музеј во Торино и Спејси им се заблагодари што имале храброст да го поканат.
„Навистина сум благодарен и благословен. Му го давам целото мое срце на Филмскиот музеј што имал мадиња да ме покани овдека“, кажа 63-годишниот Спејси.
Тој има освоено два оскара, но многу малку работеше откако почнаа да се појавуваат обвинувања за неговото недолично однесување. Наградата ја прими неколку дена откако во лондонскиот суд се соочи со седум обвинувања за сексуален напад врз маж во почетокот на 2000-ите. Во јуни го чека ново судење во Лондон за уште десетина слични обвинувања од периодот меѓу 2001 и 2013, додека њујоршкиот суд ги отфрли обвинувањата против него кои датираа уште од 1986.
Од музејот кажаа дека му оддаваат признание на Спејси за личниот естетски и авторски придонес кон развојот на драмската уметност.
(Фото: АП)