„ЛАЈБАХ“ ЌЕ БИДЕ ПРВАТА СТРАНСКА ГРУПА КОЈА ЌЕ НАСТАПИ ВО КИЕВ ОД ПОЧЕТОКОТ НА РУСКАТА ИНВАЗИЈА

Љубљана, (Гардијан)

Култната словенечка група „Лајбах“ објави дека ќе биде првиот странски бенд кој ќе одржи концерт во Киев од почетокот на руската инвазија пред точно една година. Групата ќе настапи во музичката сала „Бел етаж“ на 31 март, а концертот ќе биде насловен „Евровизија“, како референца на настанот што Украина нема да може да го организира, иако победи минатата година.

„Додека остатокот од Европа се подготвува да ги слави слободата и солидарноста на 9 мај во Ливерпул, ‘Лајбах‘ ја враќа Евровизија во Украина, каде што и припаѓа“, соопшти групата.

Собраните средства од концертот ќе бидат донирани на хуманитарни организации.

„Лајбах“ одржа два концерта во Сараево во 1995 додека градот сè уште беше под опсада за време на војната во БиХ, а во 2017 стана прва западна група која настапила во Северна Кореја.

(Фото: Фејсбук)