Во скопската Зоолошка градина за првпат се испилија пингвини. Четирите бебиња се родиле во јануари од два пара родители.
„Состојбата на пингвинчињата од видот хамболдт од ден на ден беше следена и од нашите зоо негуватели Маја и Војо и од стручни лица. Целиот период грижливо ги негувавме, а голем дел од денот со нив поминуваа и татковците“, велат од скопската Зоолошка.
Пингвините веќе се пораснати и големи колку нивните родители. Научија и да пливаат и секојдневно се во базенот и надворешниот дел од живеалиштето.
Пингвините во Зоолошката се од Италија и Русија. Тие станаа жители на градината пред две години, кога специјално за нив беше изградено живеалиште.