УЧЕНИЦИТЕ ОД ПОСЕБНИТЕ ПАРАЛЕЛКИ ГИ ПРЕЗЕНТИРАА СВОИТЕ ИЗРАБОТКИ ПО ПОВОД ШТИПСКИОТ ОБИЧАЈ ЧЕТ‘РСЕ, ЗАШТИТЕН ОД УНЕСКО

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

По повод денот на пролетта и 10-годишнината од прогласувањето на штипскиот обичај Чет’рсе за нематеријално културно наследство на УНЕСКО, на плоштадот Слобода во Штип учениците од посебните паралелки заедно со своите професори организираа хуманитарна презентација на изработки од рециклирани материјали. Собраните средства ќе бидат наменети за нивни потреби.

Учесниците на овој уникатен и вековен обичај, кој се практикува на првиот ден на пролетта и верскиот празник Свети 40 маченици, прво се собираат на плоштадот во Штип, а потоа се искачуваат на Исарот. Искачувањњето трае преку целиот ден. Кога временските прилики се добри, повеќе илјади граѓани одат на прошетка до врвот на тврдината и попат, според традицијата, се поздравуваат со 40 учесници, а младите собираат по 40 камчиња, од кои 39 фрлаат кон Брегалница, а последното го носат дома и го ставаат под перница, зашто, според верувањето, сонуваниот ќе им биде животниот сопатник.

Чет’рсе беше првото нематеријално културно добро од Македонија кое доби посебен статус од УНЕСКО, а потоа, во ноември 2014, на оваа листа беше додадено и орото Копачка, кое го негува истоимената фолклорна група од делчевското село Драмче.

Т. ЈОВАНОВСКИ