МНТ СО ТРИБИНА ЌЕ СЛАВИ 78 ГОДИНИ ОД ПРВАТА ПРЕМИЕРА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК.)

В понеделник во 12 часот, Македонскиот народен театар (МНТ) ќе организира трибина „Македонскиот драмски автор на сцената на МНТ“. Настанот ќе се одржи на малата сцена на МНТ по повод 78 години од првата премиера на театарот.

Модератор на трибината е проф д-р Ана Стојаноска, а за значењето на драмскиот автор ќе говорат Јордан Плевнеш, Русомир Богдановски, Дејан Дуковски, Блаже Миневски и Сашо Димоски, чии текстови се поставени во МНТ, како и Бранко Ставрев, режисер на најмногу претстави од македонски автори во МНТ.

„На сцената на МНТ од самите почетоци до денес постојано се поставуваат дела од македонски автори. Третата поставена претстава беше ‘Чорбаџи Теодос‘, која имаше премиера на 16 август 1945. Од досега над 400 поставени/обновени претстави, над 100 се дела на македонски автори. Целта на оваа трибина е да се прикажат авторите од различни генерации, чии дела постојано се изведуваат на сцената на театарот. Тоа се Војдан Чернодрински, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Живко Чинго, Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Русомир Богдановски, Сашко Насев, Горан Стефановски и други“, велат од МНТ.