Индиската компанија „Adventures Overland“ ќе го лансира „најдолгото патување со автобус на светот“, кое треба да почне на 7 август и да трае 56 дена. Автобусот ќе може да прими до 30 патници, а патувањето долго 12.000 километри ќе опфати 22 држави: од Истанбул, преку Балканот, источна Европа, Скандинавија и западна Европа, до Велика Британија. Пристигнувањето во Лондон е планирано на 1 октомври.
Со траект ќе се помине Финскиот Залив со цел да се стигне до најсеверната точка на континентот, Северен ‘Рт и ќе се плови покрај норвешките фјордови.
Целиот пакет чини 24.300 долари и вклучува појадок, 30 други оброци и хотелско сместување. Иако вака долго патување со автобус не звучи привлечно, возилото е опишано како „специјален луксузен автобус наменет за удобни патувања на долги дистанци“.
„Adventures Overland“ е основана од двајца индиски бизнисмени во 2012 и досега има организирано разни експедиции од Индија до Лондон, како и патувања низ Исланд и Русија.
Според Гинисова книга на рекорди, најдолгото патување со автобус моментално изнесува 6.200 километри и ги поврзува Лима во Перу и Рио де Жанеиро во Бразил.