Д фестивал во Дојран оваа година малку ќе излезе од своите вообичаени рамки, така што ќе го нагости веќе светски реномираниот проект на Симон Трпчески, „Македонисимо“.
По струшкото село Збажди, Скопје, Штип и Битола, ова ќе биде петтата изведба на „Македонисимо“ во Македонија, а како и во претходните случаи, ќе биде бесплатна.
„Македонисимо“ претставува спој на македонската народна музика со џезот и класичната музика, сплет од 23 нумери – најмногу ора и по некоја песна. Трпчески го создаде во соработка со композиторот Панде Шахов, а го изведува со Александар Краповски (виолина), Александар Сомов (виолончело), Хидан Мамудов (кларинет, саксофон и кавал) и Влатко Нушев (удиралки). Светската премиера на проектот беше во Германија во 2017, по што беше промовиран во повеќе од десет земји, а неодамна во Виена доби и оркестарска верзија.
Тринаесеттото издание на Д фестивал ќе се одржи од 30 јуни до 2 јули, а досега се потврдени повеќе од 25 учесници.
(Фото: СДК.МК)