Легендарниот германски метал бенд „Креатор“ вечерва ќе настапи во Младински културен центар во Скопје, како 12. станица од нивната европска турнеја, која го следи издавањето на нивниот последен, 14. албум „Богови на насилство“.
Пионерите на европскиот треш метал свират во Скопје 14 години по нивниот незаборавен концерт во рамките на фестивалот „Таксират“. Тие доаѓаат со истата постава што настапи тогаш на Скопски саем, но суштината на бендот веќе 36 години се фронтменот Миле Петроца (вокал и гитара) и тапанарот Вентор.
Според програмата што ја објавија организаторите „Терорвоид промоушнс“, кои со овој концерт одбележуваат десет години активност на македонската метал сцена, овој музички спектакл започнува во 19.15 часот, со настапот на француската група „Дагоба“.
Вистинско загревање за „Креатор“ ќе бидат полските метал ветерани „Вејдер“, за кои ова ќе биде трет концерт во Скопје.
Г. КОНЕВ