Професори и нивни студенти ќе се спојат на изложбата што вечерва се отвора во Младински културен центар во Скопје во 20 часот. Насловен „Професори+студенти“, настанот става акцент на широкиот спектар наставни програми со кои располагаат приватните и државните универзитети во Македонија.
„Изложбата ќе биде еден избор на веќе етаблирани, но и автори чиј потенцијал допрва ќе се развива, уметници од различни генерации, сликари, графичари, фотографи, скулптори, илустратори и претставници на моден дизајн, кои посветено работат на полето на визуелните уметности години наназад“, се вели во најавата на изложбата.
На неа ќе учествуваат професори и студенти од Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Меѓународниот балкански универзитет, Факултетот за дизајн и мултимедија при ФОН, Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, Факултетот за уметности при Државниот универзитет во Тетово и школата за дизајн и уметност ,Скала“.