ТРЕТАТА ВЕЧЕР НА ОФФ-ФЕСТ СО ДРЕВНИТЕ ТРАНС ЗВУЦИ НА ТАРАНТА И АКУСТИЧНИОТ НАСТАП НА КРСТЕ РОЏЕВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Необичниот тандем на Британецот Џастин Адамс и Италијанецот Мауро Дуранте во 20 часот ја отвора третата вечер на 22. Офф-фест во Националната опера и балет. Адамс е гитарист, Дуранте виолинист и иако имаат различна музичка позадина, нив ги обединува длабоката поврзаност со древната транс музика на Таранта.

Тие ја почнаа соработката откако настапија на еден фестивал во Италија, а првиот заеднички албум го објавија во 2020.

„Заедно, тие создаваат жив, соголен звук кој се движи и маѓепсува, со едноставни мелодии и опсесивно-повторувачки обрасци, еднакво соодветни за танцување и мечтаење“, стои во најавата на концертот.

Од 22 часот е акустичниот настап на македонскиот музичар со њујоршка адреса Крсте Роџевски.

Од 2015 година, тој има објавено дури пет албуми, опишани како „концептуални албуми со интроспективни текстови и електроакустичен звук, збогатен со експериментални и џез елементи“.