ДРАМИТЕ НА ЈОВАНОВИЌ-МИЛЕНКОВИЌ И ДУШАНСКИ ПОБЕДИЈА НА КОНКУРСОТ ЗА НЕОБЈАВЕН ТЕКСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК.)

Драмските текстови на Мила Јовановиќ-Миленковиќ и Мики Душански се наградени на конкурсот за откуп на необјавен и непоставен македонски драмски текст, што го објавија Министерството за култура и Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Од 48 пристигнати текстови, комисијата ги избра „Бреме“ од Јовановиќ-Миленковиќ и два од Душански, „Измислена приказна“ и „Не застанувај, продолжи понатаму: Лукавиот“. Министерството ќе им додели авторски надомест во нето-износ од по 120.000 денари.

Целта на конкурсот е афирмација на современата македонска драма и збогатување на фондот на драмски текстови од македонски автори.

Со доделувањето на наградите за животно дело на актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски, вечерва почнува 57. издание на „Војдан Чернодрински“.