„БДМ“, Дина Јашари, Матеј Фолц и Јанг Диди ќе ја претставуваат македонската музичка сцена на претстојниот фестивал Егзит во Нови Сад.
Триото „БДМ“, кое во својата музика комбинира гитара и електроника, ќе го претстави дебитантскиот албум „Состојба на умот“, што излезе кон крајот на минатата година.
„Голема чест е и успех што ќе бидеме меѓу артистите кои ќе настапат на Егзит и што можеме да дадеме придонес како македонски претставници на фестивалот. За нас, ова е еден вид награда за сиот минат труд“, велат членовите на групата Бане, Мартин и Дуле.
Настапот на еден од најголемите европски фестивали ќе биде продолжение на одличната година за младата Јашари, која сè повеќе се наметнува на регионалната музичка сцена, додека Матеј Фолц и Јанг Диди заедно ќе изведат нешто од репертоарот на македонскиот хип хоп.