ПО 20 ГОДИНИ ВО СПЕЦИЈАЛНА ОЛИМПИЈАДА, И САМА НЕ ЗНАМ КОЛКУ МЕДАЛИ ИМАМ ОСВОЕНО, ВЕЛИ ЈУЛИЈАНА ПЕТРОВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонските олимпијци на Специјалната олимпијада во Берлин освоија пет медали, од кои едно злато, две сребра и две бронзи.

За Јулијана Петровска слободно може да се каже дека е своевидно заштитно лице на Специјална олимпијада Македонија (СОМ). Во ова спортско здружение е активна веќе 20 години и вели дека и самата не знае колку медали има освоено.

„Сигурно се сто и кусур. Не памтам“, низ смеа вели Петровска, која е родена со Даунов синдром.

И покрај тоа, и натаму е максимално посветена и фокусирана на успеси, па на неодамнешната Специјална олимпијада во Берлин се закити со уште еден медал – сребро во атлетската дисциплина скок во далечина од место.

„Тоа ми е нова дисциплина. Сама се подготвував дома“, кажа Петровска, која е од скопската општина Ѓорче Петров.

Како и повеќето други членови на СОМ, и Јуле е сестрана спортистка.

„Покрај атлетика, играм фудбал и кошарка, а и пливање супер ми оди. Тренирам во базенот во Карпош“.

Изразено позитивна, комуникативна и креативна личност, Петровска е и одлична танчарка, а тоа го потврди со освојувањето на два сребрени медала на првото Светско првенство во танц на специјална олимпијада, што се одржа во австриски Грац пред две години.

Сега веќе 39-годишна, Петровска вели дека полека размислува за почнување тренерска кариера, па на следната Специјална олимпијада би можеле да ја видиме во нова улога.

Г. КОНЕВ / Фото: К. ПОПОВ