И покрај поројниот дожд, 20.000 луѓе дојдоа да го поздрават Лео Меси на неговата презентација во Интер Мајами, со кој викендов потпиша две и полгодишен договор, вреден 50-60 милиони долари годишно. На 36-годишниот светски првак му беше доделен дрес со број десет, по што кажа дека и натаму ја има истата желба за играње како секогаш.
Покрај Меси, како нов играч на Интер беше претставен и неговиот поранешен соиграч во Барселона, Серхио Бускетс.
Меѓу оние кои го поздравија Меси преку видеопорака беа Том Брејди и Стивен Кари.
„Едвај чекам да почнам да тренирам и играм. И натаму имам глад за победи и успеси и сакам да му помогнам на клубот да расте. Пред нас се убави времиња“, кажа Меси, кој би можел да дебитира веќе в петок.
Со 18.000 седишта, Интер го има најмалиот стадион во лигата, па за промоцијата на Меси беше додадена привремена трибина.
„Доаѓањето на Меси е остварување на сон. Лео, горди сме што го избра нашиот клуб за следното поглавје во твојата кариера“, изјави косопственикот на Интер, Дејвид Бекам.