НАЈГОЛЕМАТА ПОТРАГА ПО ЧУДОВИШТЕТО ОД ЛОХ НЕС ВО ПОСЛЕДНИТЕ 50 ГОДИНИ НЕ ДАДЕ РЕЗУЛТАТИ

Шкотска, (Би-Би-Си)

Мистеријата за легендарното чудовиште од Лох Нес продолжува да опстојува, иако најголемата потрага по Неси во последните 50 години не донесе резултати. Околу 200 волонтери од цел свет се придружија на потрагата овој викенд, но не забележаа ништо невообичаено.

Набљудувачи од брод кои користеле акустична опрема пријавиле четири неидентификувани звуци, за потоа да сфатат дека не ги снимиле.

Сите се возбудивме кога ги слушнавме тие звуци, но кога се стрчавме да провериме дали снимачот е вклучен, сфативме дека не е“, изјави Алан Мекена од волонтерската истражувачка група „Истражување на Лох Нес“.

Првите записи за чудовиштето датираат од 7. век, а модерната легенда почна во 1933 година, кога хотелската менаџерка Алди Мекеј тврдела дека видела суштество налик на кит во езерото. Следната година била направена легендарната фотографија од чудовиштето во водата, за која 60 години подоцна се утврди дека е лажна.

И покрај тоа, последната потрага привлече истражувачи од Шпанија, Германија, Франција, Финска, Јапонија, Австралија и САД.

Сигурен сум дека нешто големо демне во длабочините на Лох Нес. Не знам дали е чудовиште, но знам дека долу има нешто“, изјави менаџерот на центарот „Лох Нес“, Пол Никсон.

(Фото: Гети)