Суштествата кои стојат зад наводните видувања на „чудовиштето од Лох Нес“ можеби се огромни јагули, велат научници.

Ова е заклучокот на новозеландски истражувачи кои се обидоа да направат каталог на живи видови во езерото, издвојувајќи ДНК од примероци на водата. По направените анализи, тие ја исклучија можноста од постоењето на големи животни во езерото, вклучувајќи ги праисторискиот воден рептил плесиосаур или големи риби како есетри и сомови.

Целта на истражувањето не била да се пронајде Неси, туку да се подобри знаењето за животните и растенијата во езерото.

Јагулата е меѓу животинските видови во езерото чија ДНК била земена за анализа. Тие мигрираат во шкотските реки и езера од 5.000 километри оддалеченото Саргасово Море во близина на Бахами.

„Луѓето сакаат мистерии и ја искористивме науката да додадеме ново поглавје во мистичноста на Лох Нес. Не пронајдовме никаков доказ за постоење древно суштество, како плесиосаур. Исто така, не пронајдовме ДНК поврзан со ајкула, сом или есетра, но затоа има значително количество на ДНК на јагула. Така што, дали Неси можеби е јагула?“, вели Нил Гемел, генетичар од универзитетот Отаго во Нов Зеланд.

Приказните за постоење на чудовиште во Лох Нес датираат од пред 1.500 години, а првите современи видувања се од 1930-ите. Најпознатата „снимка“ од Неси е од 1934 година, но шест децении подоцна беше потврдено дека е лажна.