Утре почнува второто издание на Фестивалот на џез, ворлд и современа музика во Велес, кој ќе биде меѓународен, со учество на музичари од Хрватска, Грција и Македонија. Гостите ќе настапат во Велешки театар, Спомен-костурницата и Европска куќа, како и на паркингот на театарот.
„Не само концерти, ќе имаме и изложба, визуелен мапинг, визуелен театар и диџеј настапи. Создадовме програма за широк круг посетители“; кажа Славчо Коцев од здружението „Арт генератор“, кое е организатор на фестивалот.
Фестивалот го отвора „Рил проблемс“, џез состав од Хрватска, кој, како што беше кажано, во својата земја важи за „бенд за зезанција и провод“. На 2 септември е концертот на „КЕМ“, најавен како големо откритие за оваа година, па ќе настапи Пијан славеј.
Третата вечер е резервирана за музички концепт во три дела на Дине Донеф од Грција. Концертот ќе почне на Спомен-костурницата, па ќе се пресели на големата сцена во Велешкиот театар.
„Делото на Донеф е направено специјално за Велес, Рацин и за Спомен-костурницата. Тој беше гостин и на ланското прво издание, се воодушеви од Велес и костурницата и посака да настапи и годинава, и тоа со специјален концепт посветен на градот и поетот“, рече Костов.
Изложбата која ќе биде поставена во Европска куќа е на грчката авторка Фотини.
П. ПЕЧКОВ