Легендарниот хрватски музичар Дарко Рундек утре (20:30 часот) ќе настапи со Биг бендот на Здружението на џез музичари во Филхармонијата во Скопје. На концертот ќе биде претставен албумот „За ваше попладневно уживање“, но Рундек и македонските музичари, под диригентство на Џијан Емин, ќе ги изведат и неговите стари хитови, преработени во џез аранжмани.
На албумот се наоѓаат 12 песни на Рундек кои се снимени со Џез оркестарот на Хрватската радио-телевизија. Покрај Рундек, ќе пеат и Маја Ривиќ и Игор Павлица.
„Кога бев дете, на Радио Загреб попладне одеше емисијата која се викаше ‘За ваше попладневно уживање’. Имаше снимки од најголемите биг бендови, популарна музика. Не бев некој фан, но сето тоа останало во мојата потсвест. Кога хрватскиот џез оркестар ми ја предложи соработката, тоа беше на моја радост, остварување на сите детски соништа. Конечно, некои песни можеа да се реализираат во џез варијанта“, рече Рундек на денешната прес-конференција.
Албумот излезе пред една година, а концертот во Скопје ќе биде прва концертна промоција надвор од Хрватска.
„Тоа се хитови кои публиката сака да ги чуе и нас нè интересираше како би звучеле во тие аранжмани“, вели некогашниот фронтмен на „Хаустор“.
Гоце Стевковски од Здружението на џез музичари додаде дека соработката со Рундек е огромно задоволство.
„Овој концерт доаѓа по нашиот настап со Рамбо Амадеус и како продолжување на таа квалитетна приказна што ЗЏМ ја има од почетокот. Уште пред две години ја планиравме оваа сорботка и супер е што сега се реализира“, кажа Стевковски.
Концертот го организира фирмата „Екотип“ во чест на нивната 25-годишнина.
Б. НЕСТОРОСКА / Фото: К. ПОПОВ