ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР УЧЕСТВУВА СО ДВЕ ПРЕТСТАВИ НА ФЕСТИВАЛ ВО ПЛОВДИВ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Велешки театар е учесник на фестивалот „Сцена на крстопатот“, кој се одржува во Пловдив, Бугарија. На програмата се 11 претстави, меѓу нив и две во продукција на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, „Едвард Втори“ и „Нема струја за електричниот стол“. Претставите ќе бидат одиграни на 14 и 15 септември.

„Едвард Втори“ на украинскиот режисер Андреј Жолдак ќе ја има бугарската премиера, бидејќи е копродукција со театарот од Пловдив. „Нема струја за електричниот стол“, во режија на Дејан Пројковски, е работена по текст од бугарскиот автор Александар Секулов. Во двете претстави игра Васил Зафирчев.

Фестивалот нема натпреварувачки карактер, а освен од Македонија, има и гости од Грција. Соработката на двата театра започна минатата година со учеството на Бугарите на фестивалот на античка драма Стоби со претставата ‘Одисеј‘“, изјави Зафирчев.

П. ПЕЧКОВ