Македонската публика првпат имаше можност да ги чуе хитовите на Дарко Рундек и „Хаустор“ во џез верзија, на концертот што култниот хрватски музичар синоќа го одржа во Македонската филхармонија заедно со Биг бендот на Здружението на џез музичари. Тешко е да се каже кој повеќе брилираше: Рундек со своите глас, харизматичност и шарм, Биг бендот како збир на маестрални инструменталисти или диригентот Џијан Емин, кој во прав момент знаеше да го подигне темпото и да го размрда оркестарот.
Иако ѕвезда на концертот, Рундек на сцената се однесуваше како гостин на свирката на Биг бендот и во голем дел од вечерта го свртуваше вниманието кон него. Речиси секој член на оркестарот доби свои пет минути, свое соло, свој аплауз, но исто така и пратечките вокали на Рундек, кои беа рамноправен дел од шоуто.
Од 40-годишниот опус на Рундек беа издвоени 12 песни, пола од „Хаустор“, пола од соло кариерата, кои беа продолжени и надградени со џез делниците на оркестарот, но без да се изгуби нивната суштина.
Ова е проект создаден во соработка со Џез оркестарот на Хрватската радио-телевизија, но непростлив беше пропустот во репертоарот ексклузивно да не биде вклучена песната „Македо“. Публиката ја бараше при крајот на концертот, но Рундек само кажа дека не ја подготвиле.
Друга мана беше што музиката на Рундек не е за седење. Публиката не издржа, па излезе од филхармониските рамки на однесување и од нога ја проследи изведбата на „Апокалипсо“.
На крајот, по долгите овации за сите изведувачи, се прашавме кога ни летнаа саат и 45 минути.
Г. КОНЕВ / Фото: С. К. ДЕЛЕВСКА