Писателите Драго Јанчар, Ренато Баретиќ, Даница Вукиќевиќ, Слободан Шијан, Владимир Левчев, Тарик Туфан и Снежана Младеновска-Анѓелков се гостите на 11. издание на Интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан во Скопје, кој се отвора вечерва во 20 часот во Даут-пашин амам. Со гостите ќе разговараат Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски.
Утре од 20 часот, во Европска куќа ќе се одржи тркалезна маса на тема „Литературата како (де)конструкција на стварноста“, а во чест на режисерот Слободан Шијан, на 20 септември во Кинотеката ќе биде прикажан филмот „Кој тоа таму пее“.
Годинашниот лауреат на наградата Прозарт, што се доделува за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, е словенечкиот писател Драго Јанчар.
„Бев воодушевен од веста дека жирито ме вклучи меѓу одличните добитници на оваа награда, која во своето име го има зборот уметност, уметност на прозата. Македонија ми е особено блиска на срцето. Тука имам пријатели, тука неодамна беа објавени некои мои прозни книги и беше поставена мојата драма ‘Големиот брилијантен валцер‘“, изјави Јанчар.
Организатор на фестивалот е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.