Илон Маск најави дека сите корисници на Икс (Твитер) би можеле да плаќаат влез на платформата. Во разговор со израелскиот премиер Нетанјаху, Маск кажа дека плаќањето е единствениот начин на борба против ботови.
„Се движиме кон тоа да воведеме мала месечна претплата за користење на системот“, изјави Маск.
Газдата на „Тесла“ долго време зборува дека неговото решение за ослободување од ботови и лажни профили е плаќање за верификацијата. Откако го презеде Твитер минатата година, тој се обиде да ги поттикне корисниците да плаќаат за подобрена услуга, што сега се нарекува Икс премиум и им дава повеќе опции. Сепак, користењето на Икс засега останува бесплатно.
И покрај финансиските придобивки од претплатата, Маск тврди дека би ја вовел само за да се справи со ботовите.
Икс премиум сега чини осум долари месечно во САД, но цената варира во зависност од државата.
(Фото: Гети)