СОМНЕЖ МЕ МАЧИ ПРЕД СЕКОЈ ПРЕГЛЕД ПО ОПЕРАЦИЈАТА ОД РАК НА ДОЈКА, НО НЕ ГУБАМ НАДЕЖ, ВЕЛИ ВОДИТЕЛКАТА ЛИЛА СТОЈАНОВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Водителката Лила Стојановска, која минатата година се оперираше од рак на дојка, преку социјалните мрежи им дава поддршка на жените кои одат на хемотерапија. Жени од различни ворасти секојдневно ѝ пишуваат и ѝ бараат совет. Со дел од нив се запознава, оди на кафе и вели дека на сите кои се борат со ракот им е достапна во секое време.

„Споделувам нешто што некому може да му помогне во таа тешка битка, но се обидувам тоа да не биде толку често, затоа што не сакам луѓето да ги заморувам со таа тешка болест. Октомври, како месец за борба против ракот на дојка, ќе го одбележам со пораки за подигање на свеста“, ни рече Стојановска.

„На лошите моменти сега мислам само тогаш кога морам, кога го споделувам своето искуство со жените-лавици. Сакам повеќе да зборувам за оној полесниот дел. Најтешкиот дел е дијагнозата и комплетните испитувања, а полесниот дел е оној кога знаеш со што си имаш работа. Ќе му погледнеш, како што велат, на стравот во очи и ќе му се спротиставиш. Им велам на жените ако можат да се шегуваат на своја сметка. Да не се секираат ако им падне косата, постојат перики. Јас ја поминав целата сезона на снимањето на квизот ‘Сѐ или нешто’ со перика. На младите девојки им велам дека тоа воопшто не треба да ги загрижува, сега се модерни многу кратки фризури. Им велам да си ги бројат хемотерапиите оти така побрзо поминуваат. Јас една недела ќе одлежев по хемотерапијата, другите две недели ќе одев по ресторани со другарките или на пат, па по патувањето ќе дојдев на следната и успеав да не ја одлежам болеста и да не се чувствувам беспомошно, тоа е најбитно“, вели таа.

Во оваа фаза оди на контрола на шест месеци, а подоцна ќе почне да оди на една година. Вели дека пред секоја преглед чувствува страв и неизвесност.

„За чувството кое го имам пред секоја контрола ќе ме разберат само оние кои го поминале мојот пат, никој друг не може да нè разбере. Секогаш постојат страв и сомнеж, нешто со кое човек многу тешко може да се справи, но размислувам позитивно и знам дека сето тоа е позади мене, но, сепак, не можам да кажам дека одам со песна“, кажа Стојановска.

Им препорачувама на сите жени да одат на преглед минимум еднаш во годината и почесто да си прават прегледи самите дома, поради раната превенција на болеста, вели Лила. (Фото: Приватна архива)

За Лила е многу важен психолошкиот дел на заздравувањето. Кажува дека самата со себеси се договорила дека ќе најде начин да го помине лошиот период и да изгледа како нешто што не е многу тешко.

„Но, битката е навистина претешка, пред сѐ, ова е битка сам со себе, со сопствениот мозок, со сопствените мисли. Многу е тешко, но човек мора да најде сила, да размислува позитивно и само така ќе помине полесно. Така размислувам и сега пред секој преглед и го препорачувам тоа и на другите“, додаде водителката.

Во повеќето од пораките кои Лила ги добива сега, а вели дека е тоа на дневно ниво, жените ја прашуваат за искуството со нејзиниот лекар и болницата во Истанбул каде што се оперирала, кое, според неа, е многу позитивно.

„Најголемиот комплимент за мене е кога ќе добијам порака од дами кои не ги познавам и кога ќе ми речат дека кога им е тешко, помислуваат на мене. Има и такви кои велат дека го отвораат мојот профил и ќе видат колку сум јас весела, расположена, растрчана, некаде патувам. Потоа ќе се сетам дека и јас истото сум го поминала и оти ги очекува истото што и мене. Им велам дека ќе бидат супер и сето тоа многу им го олеснува патот. Не можам да ви опишам колку сум пресреќна, тоа е нешто што вистински ме радува. Ова само значи дека сум успеала во својата мисија и оти сум во право кога велам дека најлошите работи треба да ги доживуваме како нешто добро и веројатно Бог ми го даде ова искушение, за да им помагам на останатите“, ни изјави водителката.

Минатата година, таа се крштеваше во реката Јордан и тогаш на социјалните мрежи објави дека е религиозна. Лила смета дека кога на човек му е тешко, полесно е кога има нешто во кое што верува.

„Јас верувам во бог и тоа е моето гледање на работите. Многу е полесно кога веруваш во нешто. Тоа може да биде бог, може да биде универзумот, верувај во што сакаш, меѓутоа е многу полесно“, вели Стојановска.

Сега се модерни и кратки фризури – Лила во перидот кога од хемотерапијата ѝ опаднала косата (Фото: Приватна архива)

На сите жени Лила им препорачува да одат на преглед минимум еднаш во годината и почесто да си прават прегледи самите дома поради раната превенција на болеста.

„Во моментот кога ќе ја откријат дијагнозата, сите жени треба да си кажат: ‘Нема назад, тоа е тоа, ајде да го фатиме патот и да видиме како ќе оди тоа’. Многу е важно и да се оди кај двајца или тројца доктори, на различно мислење, но пак ќе речам, важни се еланот и мислата дека тоа е борба, но нема вечно да трае“.

На Лила, во борбата против ракот ѝ помогнало и опкружувањето со добрите и позитивни луѓе кои не ја сожалувале и не биле повеќе исплашени од неа.

„Ми се најдоа блиските, ми помогна дружбата со нив, а помага и дружбата со домашни миленици, мене буквално мојот мачор Рагнар ми го продолжува животот. Ми помогна и шетањето во природа, правењето нешта кои ме прават среќна. На сите им препорачувам што помалку гужва и народ околу нив и што помалку стрес. Посакувам само здравје, љубов, да се гледаме и да зборуваме за некои поубави теми“, вели Стојановска.

М. ЏАРОВСКА